
Со осамостојувањето на Република Македонија, настанаа коренити измени во општествено политичкиот и економскиот а уште повеќе во нејзиниот правен систем во кој се воведоа повеќе новини со цел поефикасно функционирање на истиот.
Донесувањето на Уставот на РМ, создаде меѓу другото услови, дел од вонпроцесните работи кои не се спорни помеѓу правните субјекти да можат да се вршат како јавни овластување од страна на самостојна и независна јавна служба . Со ваквата уставна определба беше воведена една нова институција во нашиот правен систем насловена како “нотаријат” која во текот на изминатите 12 години полека си го зазема своето вистинско место и димензии .
Нотаријатот датира од 1998 година кога беа избрани првите нотари кои јавната служба ја вршеа врз систематската основа на Законот за вршење на нотарските работи во кој за прв пат беа наведени основните надлежности на нотаријатот како самостојна, независна и јавна служба .
Со протекот на времето бројот на нотарите а и нивните надлежности видно се во пораст, што сето тоа доведе до позитивни реакции од стручната јавност. Врз основа на горенаведеното во 2007 година беше донесен нов Закон за нотаријатот со надеж дека на еден практичен начин ќе им се помогне на сите заинтересирани за материјата опфатена со овој закон.
Со Законот за нотаријатот се уредуваат постапката за именување разрешување на нотарите, нивниот делокруг на работа и овластувања, составување на нотарски исправи и постапување со нив, организацијата на нотаријатот и неговите органи, нотарите како повереници на судот, надзор над работењето итн.
Воведувањето на нотаријатот во Република Македонија, позитивно се одрази врз целокупното фукционирање на правниот систем во Републикава. Оваа јавна служба го олесни правниот промет, овозможи давање на некои правни услуги кои порано не беа давани, а што е посебно значајно според многумина мислења влијаеше врз унапредувањето на т.н. превентивна правна заштита, затоа што со своето делување придонесува за правна сигурност и одбегнување на спорови.
Првите нотари во Република Македонија започнаа со работа во месец јуни 1998 година, а набргу потоа истата година беше основана и Нотарската Комора на Република Македонија и нејзините органи и тела.
Највисоките органи на Нотарската Комора на Република Македонија се Собранието на Комората , Управен одбор и Претседателот на Комората . Нотарската Комора на РМ има својство на правно лице.
Нотарската Комора на РМ е полноправна членка на Меѓународната Унија на Латинскиот нотаријат од 30 Септември 2001 година авоедно и полноправно учествува на состаноците на Комисијата за Европски и Медитерански прашања.
Основна задача на Комората е да ја штити самостојноста и независноста на нотарите како јавни службеници, во вршењето на јавните овластувања, да ја брани и одбранува честа и угледот на нотарот и нотарската професија воопшто.
Своите основни задачи Комората ги уредува и извршува во согласност со Уставот, Законот за нотаријатот , Статутот и другите акти на Комората.
Денешниот нотаријат брои 161 нотари ширум републикава.


