Студиска посета во Дрезден, Германија

 

Делегација составена од Потпретседателката на Нотарска комора на РМ, нотар Олга Димовска, претставник од Министерство за правда, Сектор за извршување, нотаријат и медијација, Помошник раководител на Секторот за извршување, нотаријат и медијација Владимир Јанковски и претставник од Нотарска комора на РМ, стручен соработник м-р Анастазија Анастасовска во организација на Германското друштво за интернационална соработка – ГИЗ, преку Отворениот регионален фонд за југоисточна Европа – правна реформа и Германската федерална нотарска комора, од 27.2.2018 година до 3.3.2018 година присуствуваше на студиска посета во Дрезден, Германија.

 

Студиската посета беше организирана во склоп на проектот "Електронско поврзување на нотарите и канцеларии за водење на јавни регистри". Дел од оваа студиска посета беа и делегациите на Нотарска комора на Албанија и претставници на Министерството за правда на Албанија, Нотарска комора на Босна и Херцеговина, Нотарска комора на Република Српска, претставници на Министерството за правда на Федерација Босна и Херцеговина и Министерот за правда на Федерација Босна и Херцеговина, Нотарска комора на Косово и претставници на Министерството за правда на Косово, Нотарската комора на Црна Гора и Нотарска комора на Србија и претставници на Министерството за правда на Србија и Нотарската комора на Хрватска. 

 

Во текот на работните денови презентиран беше целокупниот систем за дигитализација во правосудните органи што се користи во Германија. Споделени беа искуствата на земјите во регионот и беше презентиран од секоја држава поединечно степенот на развој на нотаријатот во однос на дигитализацијата.

 

Освен теоретските презентации, делегацијата имаше можност да оствари посета на нотарската канцеларија на нотарот Мишел Бекер.

 

Во реални услови детално се запозна со постапката за изготвување и проследување на предметите од нотарската канцеларија до Судот каде се води регистарот за недвижности и трговскиот регистар во Дрезден, а подоцна со посета и на Судот презентацијата продолжи со финализирање на постапката и вршење на упис по претходно испратените предмети од страна на нотарот.

 

Студиската посета заврши со сублимација и дискусии во однос на различните системи, како и предностите кои истите можат да ги понудат. Заклучокот кој беше изведен е дека соработката помеѓу нотаријатите и институциите и размената на искуствата е потребна заради подобрување на сигурноста и функционалноста на веќе поставените системи.