CNUE е тело основано во 1993, со седиште во Брисел, а од 1 јануари 2006 добива статус на Совет на нотаријатите на ЕУ и е официјално тело кое ја претставува нотарската професија во односите со Европските институции и ги изразува заедничките одлуки на своите членови во институциите на Европската унија. Во своите редови брои 22 нотаријати на земји-членки на ЕУ: Австрија, Белгија, Бугарија, Хрватска, Чешка, Естонија, Франција, Германија, Грција, Унгарија, Италија, Латвија, Литванија, Луксембург, Малта, Холандија, Полска, Португалија, Романија, Словачка, Словенија и Шпанија. Како и 4 нотаријати, членови со статус на набљудувач: Македонија, Црна Гора, Србија и Турција. Европските нотаријати се претставени во CNUE од страна на Претседателите на националните нотаријати. CNUE работи под раководство на Претседателот, кој има мандат од една година. Мисијата на CNUE е да се промовира нотаријатот и неговиот активен придонес во сите процеси за донесување одлуки во европските институции. Тука се вклучени области како што се правото и правните аспекти во однос на државјанството и водење на бизнис, пристап до правда и заштита на потрошувачите.

CNUE е присутен во сите политички и технички прашања кои имаат влијание на нотарската професија, а неговите членови добиваат редовни известувања за случувањата во европската легислатива и иницијативи преземени од страна на институциите на ЕУ, како и помош во континуирана обука на нотарите во однос на правото на ЕЗ. Во рамките на Советот се спроведуваат проекти со европска димензија која ги вклучува сите негови членови, а се со цел да се подобрат и моделираат областите на правдата, слободата и безбедноста на граѓаните.

Советот на нотаријатите на Европската унија (CNUE) на Генералното собрание одржано на 16 и 17.6.2017 година, во Шпанија едногласно ја одобри апликацијата и ја прифати Нотарската комора на Република Македонија за член со статус на набљудувач во CNUE.