На ден 11 ноември 2019 година, во просториите на Нотарската комора на РС се потпиша Меморандум за соработка помеѓу Агенцијата за катастар на недвижности и Нотарска комора на Република Северна Македонија, со цел уредување на досегашната и идната меѓуинституционална соработка која ќе придонесува за организирана меѓусебна поддршка во исполнување на надлежностите на страните, која пред се е од интерес и во служба на граѓаните и полесно и поефикасно остварување на нивните права и интереси.

На свеченото потпишување присуствуваше делегација на Агенцијата за катастар на недвижности предводена од директорот, г. м-р Борис Тунџев и делегација на Нотарската комора на РСМ предводена од претседателот, г. Васил Кузманоски.                                               

2019.11.11 - Меморандум со АКН 1.JPG

Нотарската комора на Република Северна Македонија и Агенцијата за катастар на недвижности соработуваат повеќе години наназад и тоа се изразува во повеќе форми на соработка, особено преку присуство на семинари, работилници, состаноци и др. форми на средби организирани од двете страни, па од тука произлезе и фактот дека потпишување на  Меморандумот за соработка помеѓу овие две институции ќе биде логичен чекор во насока на продлабочување и конкретизирање на досегашна заедничка соработка. Дефинирањето на една нормативна рамка, како што е овој Меморандум за соработка, е нужност од која корист ќе имаат и двете страни, а најголемиот ефект и придобивки ќе осетат граѓаните.

Меморандумот за соработка  е склучен во согласност со надлежностите утврдени во Законот за катастар на недвижности и Законот за нотаријатот, во духот на заемната меѓуинституционална соработка која ќе придонесува за организирана и дефинирана меѓусебна поддршка во исполнување на надлежностите на двете страни, преку размена на знаење, искуства, меѓусебна техничка поддршка, одржување на редовни работни состаноци и обуки. Овој Меморандум кој се склучува врз основа на принципите на законитост, професионалност, транспарентност, стручност, ефикасност и сервисна ориентација уредува доста позитивни аспекти во насока на подобрување на професионализмот, стручноста и ефикасноста во работењето на  страните.

2019.11.11 - Меморандум со АКН 2.JPG

Почнувајќи од 2010 година, кога започна процесот на дигитализација на Катастарот, нотарите, како главни чинители беа активно вклучени во процесот на градење на електронскиот систем на Катастарот. Иако на почеток не беа вклучени сите нотари, сепак со измените на Законот за катастар на недвижности од 2014 година, се воведе законска обврска за задолжително поврзување на нотарите со е-кат шалтерот на Катастарот, па до денес во улога на професионални корисници нотарите имаат значен придонес во одржување и надоградување на овој електронски систем, преку електронско доставување на податоците за правните основи на сопственоста, како и други правни исправи кои се основа за полнење на воспоставените регистри на катастарот (посебно регистарот на цени и закупнини). Се воведе и привилигијата за издавање на имотни листови од страна на нотарите, со што нотаријатот даде значителен придонес во  растеретување на катастарските шалтери.

            2019.11.11 - Меморандум со АКН 3.JPG2019.11.11 - Меморандум со АКН 4.JPG                     

Во своето обраќање по повод потпишувањето на Меморандумот, претседателот на Нотарската комора, г. Васил Кузманоски го истакна следното: ,,Со моментално воспоставениот Катастар, сметам дека, денес, Република Северна Македонија, може да се пофали со доста напреден и современ катастарски систем, во кој нотарите се неминовен и еден од главните чинители во неговото постоење и одржување. Сето ова е резултат на одличната институционална соработка, која се надеваме дека ќе продолжи и во иднина, и на некој начин ќе допринесе за остварување на залагањата на Република Северна Македонија за имплементирање на стандардите на европските земји, а со тоа и приближување и влез во Европското семејство. ‘’  Истовремено, изрази посебна благодарност и почит до директорот на Агенцијата, за неговата поддршка и спремност за заедничко делување на двете институции во секој сегмент што ја опфаќа оваа материја, а непосредно се однесува на нотарите, затоа што само на ваков начин и преку ваква соработка може да се изгради функционален систем, кој е и ќе биде во служба на граѓаните.                        

2019.11.11 - Меморандум со АКН 5.jpg

Потоа се обрати и директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, г. м-р Борис Тунџев кој го истакна следното: ,,Денешниот момент е доказ дека добрата соработка помеѓу Агенцијата и нотарите ќе биде продолжена. Нотарите како професионални корисници на услугите на Агенцијата за катастар на недвижности преставуваат клучна алка за спроведување на сите оние промени по однос на сопственоста, запишување на хипотеки и се она што е во делокруг на нотарите. Битен сегмент и од исклучителна важност за Катастарот е мислењето на професионалните корисници, а посебно на нотарите затоа што граѓаните преку нотаријатот ги остваруваат своите права во однос на своите имоти. Нагласи дека Република Северна Македонија по однос на соработката помеѓу нотаријатот и Агенцијата за катастар не предничи само во регионот туку и во цела Европа. Целта е во иднина преку потпишување на денешниот Меморандум да ги унапредуваме нашите односи затоа што и нотарите и Агенцијата работат во интерес на граѓаните.’’

2019.11.11 - Меморандум со АКН 6.JPG

По свеченото потпишување на Меморандумот, се разменија пригодни подароци помеѓу Агенцијата и Комората.